Фудбалскиот репрезентативец на Хрватска, Андреј Крамариќ (28) е загрижен поради случувањата во Загреб откако во неделата рано наутро силен земјотрес ја затресе хрватската престолнина.
Загрепчанецот кој е член на бундеслигашот Хофенхајм е во изолација, исто како и неговите колеги, поради пандемијата на коронавирусот.
„Сите мои пријатели се во Загреб, навистина ми е тешко. Во некои моменти се чувствувам беспомошно, сакаш да помогнеш, а не можеш“ – вели Крамариќ.
Крамариќ рече и дека играчот на Барселона, Иван Ракитиќ за хрватските медиуми информирал дека фудбалерите од националниот состав ќе му помогнат на Загреб.
„Ќе има помош, зборувавме за тоа преку нашите групи. Постарите играчи ќе кажат за каква помош ќе се работи. Како што целиот народ беше со нас на Мундијалот во Русија, мислам дека е време и ние сега да му помогнеме на нашиот народ. Хрватска мора да биде едно“ вели Крамариќ.
Тој имаше порака до навивачите и за коронавирусот.
„Битно е ситуацијата да заврши и да се спречи понатамошно ширење на вирусот. Треба да ги слушаме оние кои повеќе и подобро знаат од нас. Да останеме дома и така само може да се заштитиме себе си и другите“ – рече 28-годишниот хрватски фудбалер.