Римски Лацио подготвува две засилувања на крајот на преодниот рок за напад на Скудетото, пишува тиражниот „Gazzetta dello Sport“
„Небесносините“ сите карти ги фрлаат на Серија А, каде екипата на Симоне Инзаги моментно се наоѓа на третата позиција со само 2 бода помалку од второпласираниот Интер и заостаток од 5 бода зад лидерот Јувентус.
Лацио го има најдобриот стрелец во лигата моментно, Чиро Имобиле кој има постигнато 23 гола до сега, па претседателот на клубот, Клаудио Лотито и спортскиот директор, Игли Таре работат на две нови засилувања на екипата.
Првото име е Оливие Жиру, францускиот напаѓач кој е во немилост на Френк Лампард во Челси. „Сините“ од Лондон за Французинот очекуваат да заработат околу 6 милиони евра, додека тој би добил договор со Лацио до летото 2022 година, со заработка од 3 милиони евра по сезона.
И второто евентуално засилување е од Премиерлигата, но овојпат од редовите на Тотенхем. Се работи за Виктор Ванијама кој е дел од Спарси од 2016 година. Играчот од средниот ред, по потекло од Кенија, не добива можност за настап кај Мурињо, па затоа можна следна дестинација му е Рим. Неговата вредност на фудбалскиот пазар е околу 10 милиони евра.
Преодниот рок во Италија завршува утре на полноќ.