Top Sport

Лазаров: Им се извинувам на сите Македонци

Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров како и неговите колеги од националниот тим беше разочаран по поразот од Австрија и елиминацијата од ЕП. Тој се извини до македонската јавност.

„Треба да се анализира со ладна глава. Стојам на тоа дека можеме да играме со овој тим на Австрија. Одигравме под нашето ниво, со многу технички грешки, го разбранивме нивниот голман, а таквите работи се пресудни. Тактички не изненадија со 5-1 играта, со полуфластер на мене. Немавме решение. Разочарани сме, очекувавме многу повеќе затоа што имавме добра група“ – рече меѓудругото Лазаров по завршувањето на мечот.

Тој изрази благодарност за поддршката, посебно до сите присутни што одвоија време и средства за да дојдат да ги бодрат во Виена.

„Капа до под до сите Македонци. Останавме должни и заслужуваме секаква критика. Ова е удар за нас и македонскиот ракомет, но треба да се анализираат некои работи и да се почне од почеток. Не смееме да го загубиме она што е најубаво, најдрагоцено и најсвето. Ни една репрезентација во светот не може да си дозволи да има 5-6.000 навивачи во туѓа земја. Тоа е огромно богатство и јавно како капитен сакам да се извинам на сите навивачи кои дојдоа овде во Виена и за целата поддршка која ни ја даваа останатите Македонци од Македонија“ – рече капитенот.

Scroll to Top