Македонската ракометна репрезентација со 2 победи од 2 натпревари, според планираното на СП во Германија и Данска. Предмалку нашата национална селекција се чини полесно од очекувањата го совлада Бахреин со 28-23.
Селекторот Раул Гонзалез имаше можност во второто полувреме да ја одмори комплетната стартна постава откако нашата селекција стекна убава предност од 7 голови, репрезентативците на Бахреин беа прочитани, па можност да ја почувствуваат атмосферата добија Чурлевски, Танковски, Серафимов.
Македонија одлично отвори со 6-2. Потоа следуваше црна дупка кај нашите, долг период без постигнат погодок, но во вториот дел од првото полувреме се консолидиравме и на полувреме се замина со убави 12-8.
Во вториот дел работите си дојдоа на свое место, Македонија се одлепи на +7 и тоа беше сигнал за нашата клупа за во игра да се најдат најпрво крилото Поповски, потоа и Чурлевски, па за последните 10 минути со комплетна втора постава да го приведеме натпреварот до конечни 28-23.
Кире Лазаров беше прогласен за МВП на мечот, постигна 8 гола од 10 шута. Манасков и Кузмановски беа стрелци на по 4 погодока, Поповски постигна 3, а дебитантски погодоци на СП постигнаа и Чурлевски и Серафимов.
Македонија со 2 победи од 2 кола е на врвот во табелата во групата Б, а утре ни следува балканското дерби против Хрватска.