„Мислам дека овие две години ќе бидат последни во мојата кариера“.
Ова меѓудругото во опширното интервју за „Балкан-хендбол“ го изјави капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров. Тој истакнува дека штом истече новопотпишаниот договор со Нант, ќе ја заврши богатата играчка кариера.
„Ќе се потрудам, кога ќе завршам, луѓето да ме памтат по добро, да не се сеќаваат дека Киро се влечел по теренот. Засега мене предизвикот ме држи во живот, натпреварите, да се направи нешто и да се победи посилниот од тебе. Мислам дека овие две години ќе бидат последни во мојата кариера, така се договоривме и со управата на Нант сега кога го продолживме договорот“ – рече Кире Лазаров.
За стравувањето кој ќе биде лидер по неговото пензионирање, капитенот е дециден дека „без секого се може“.
„Не се согласувам со тоа, затоа што без секого се може, да не се лажеме, иако можеби ќе треба некое време после моето повлекување. Ние направивме добра база со нашиот претседател Живко Мукаетов, но кај нас луѓето веднаш сакаат да се видат резултатите, веднаш сакаат медали. Не се стигнува така лесно до медали“ одговори Лазаров.
Погледнете го целото интервју: