Македонската машка кадетска ракометна репрезентација со убедлив пораз ја заврши групната фаза од Светското ракометно првенство што се одржува во Скопје. Македонските ракометари вечерва со високи 10 гола разлика, 31-21 беа поразени од селекцијата на Јапонија.
Со овој пораз, нашите ракометари групата Ц ја завршија како четвртопласирани, па во нокаут фазата ќе се судрат со селекцијата на Португалија.
Ракометарите вечерва изгледаа безенергично за разлика од вчерашниот дуел со Данска. Тоа се виде уште на стартот. Јапонците за 8 минути дадоа 7 гола, а нашите репрезентативци првиот погодок во противничката мрежа го постигнаа по 9 минути. На полувреме Јапонците заминаа со 4 гола предност, 15-11.
Во второто полувреме иста слика на теренот. Јапонците побрзи и ментално посилни од нашите ракометари ја зголемуваа предноста до конечни 31-21.
Кај Македонија двајцата ракометари кои стандардно се меѓу најпрецизните на СП и вечерва беа на висина на задачата. Ненад Костески постигна 9 гола, а Мартин Серафимов застана на 4.
Во нашата група Данска со 5 од 5 е прва, втора е селекцијата на Јапонија, а како трета заврши Аргентина.