Машката македонска ракометна репрезентација во турскиот град Есхишехир попладнево одигра нерешено во пријателски дуел против селекцијата на Италија 26-26. Нашите ракометари кои во Турција, во рамки на ЕХФ-неделата настапуваат во подмладен состав, вчера триумфираа на пријателски меч против домашната селекција со 26-23.
На денешниот натпревар, во првото полувреме двете селекции постојано беа на исто рамниште, па на пауза се замина со резултат 12-12.
Во вторите 30 минути Италијанците беа во позитива, на средината на полувремето имаа и +5, но нашите ракометари ја консолидираа играта и се изборија за реми.
Во нашата селекција најдобар стрелец беше крилото Мартин Поповски со 8 гола (го погоди и седмерецот за реми), а по четирипати прецизно стрелаа Пешевски и Танкоски.
На голот на Македонија со 10 одбранети удари се истакна голманот Мартин Томовски.
ЕХФ-неделата за нашата селекција сега продолжува во Скопје, а тука ракометарите ќе ги одмерат силите со селекцијата на Грузија.
Во Скопје се очекува на четата на Данило Брестовац да му се приклучат и носителите на играта Кире Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Филип Кузмановски и Филип Талески.