Кадетската репрезентација на Македонија вечерва во Скопје, во меч од третото коло од Светското првенство во ракомет со 27-25 славеше значајна победа против селекцијата на Бахреин.
Младите македонски ракометари во првиот дел имаа водство и од пет гола разлика, беше 9-4, но на полувреме се отиде со 12-9.
Во вториот дел, пулените на селекторот Брестовац во последната четвртина од мечот имаа пад во играта, Бахреинците го искористија тоа и на 5 минути до крајот резултатот беше израмнет 23-23.
Сепак во финишот нашиот голман Петковски со неколку одбрани спречи изненадување и бодовите останаа за нашата селекција.
Најпрецизен во македонскиот табор беше Серафимов со 10 гола, а одличен беше и Костески со 7 погодоци.
Македонија сега има 4 бода по 3 кола (пораз од Аргентина во првото коло) и е втора на табелата зад Данска која има максимален ефект.
Задутре македонските ракометари ќе се судрат со фаворитот Данска.
Фото: РФМ