Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Роберто Манчини (54) е добитник на престижното признание „Енцо Беркот“, награда која од 2011 година им се доделува на италијанските фудбалски стручњаци.
Манчини стигна до признанието пред тренерите на Аталанта, Џанпјеро Гасперини и на Милан, Џенаро Гатузо пред се затоа што им пружи можност на младите италијански фудбалери да се докажат во репрезентацијата.
Популарниот тренер на чело на „Азурите“ застана во мај минатата година и успеа да го врати ентузијазмот во репрезентацијата по крахот откако Италија првпат по 1958 година не настапи на еден Мундијал.
Манчини е деветти добитник на наградата која го носи името на екс-селекторот на Италија кој сензационално го одведе својот тим до светската титула на Мундијалот во 1982 година во Шпанија.
Пред Манчини, ова признание им припадна: Чезаре Прандели (селектор), Валтер Мацари (Наполи), Винченцо Монтела (Фиорентина), Карло Анчелоти (Реал Мадрид), Масимилијано Алегри (Јувентус), Клаудио Раниери (Лестер Сити), Маурицио Сари (Наполи) и Еузебио ди Франческо (Рома).