Британскиот тенисер, Енди Мареј не е задоволен со својата игра при победата од 2-0 над Кимер Копејанс во првото коло од турнирот од Серијата 250 во Антверпен.
„Не сервирав добро, не сум задоволен и со некои други работи. Ментално, во многу натпревари откако се вратив го немам тој „убиствениот инстикт“ кога сум во предност. Порано чувствував дека добро играм кога водам, а сега тоа не е случај“ – вели некогашниот најдобар светски тенисер.
Тој смета дека ќе се одмори затоа што турнирите сега се се поретки.
„Среќен сум, не чувствувам болки во колкот и сум во состојба да ги правам работите кои отсекогаш сум ги правел. Можеби не на тоа ниво како кога имав 20 години, но конкурентен сум со повеќето играчи. Ова ми е четврти турнир во низа и добро е тоа што доаѓа крај на сезоната, малку ме боли лактот. И понатаму напредувам физички, но телото се уште треба да ми се навикне на мечеви. Најмногу досега, во една недела имам одиграно 3 меча, а за да бидам на највисоко ниво морам да одиграм 5-6 меча за краток рок“ – вели Мареј.
Во следното коло во Антверпен тој ќе игра со подобриот од дуелот Куевас – Делијен.