Британскиот тенисер, Енди Мареј се осврна на инцидентот кој го направи контроверзниот австралиски тенисер, Ник Кирјос на Мастерот во Синсинати кога беше некултурен на мечот против Карен Хачанов и во неколку наврати го навредуваше судијата, за што доби казна од 113.000 долари.
Мареј, кој инаку има одличен однос со Кирјос, вели дека реагирал веднаш по мечот и се надева дека ваквото однесување веќе нема да се повтори.
„Не е убаво од него, не требаше така да се однесува кон Фергус Марфи. Разговарав малку со него по мечот, минатата недела во Вашингтон направи многу добра работа и се хранеше со енергија од трибините. Но оваа недела продолжи по старо. Треба да се надеваме дека Кирјос ќе го реши проблемот што го има, затоа што оној Ник од Вашингтон е добар за тенисот, но овој од Синсинати не е“ – изјави Мареј за „ББС спорт“.
Австралискиот тенисер е казнен парично, но му се заканува и долга суспензија затоа што има покренато постапка против него.