Тренерот на ракометниот клуб Загреб, легендарниот југословенски ракометен ас, Веселин Вујовиќ ја критикуваше актулената состојба во светот на спортот. Тој пред се удри по фудбалерите кои, според него, треба во текот на пандемијата да го понесат најголемиот товар кога се работи за помош на спортот и клубовите.
„Се согласувам дека треба да се намалат платите, но не по секоја цена. Гледајте ја количината на пари во некои спортови. На пример, Меси и Циндриќ не може да бидат казнети на ист начин. Не е исто да му ја намалиш платата на некој кој заработува милиони и некој со скромни примања. Не може подеднакво да ми ја намалите платата мене и на некој млад играч на ППД Загреб, кој е на почетокот на кариерата“ – изјави на „Индекс.хр“ Веселин Вујовиќ.
Популарниот „Вујо“ смета дека цифрите во светот на фудбалот се „болни“, а трансферите се „дрски и безобразни“.
„Одамна е тоа излезено од контрола. Слушам за суми од 100, 200, 300 милиони за еден спортист. Тоа за мене е болно. Па човекот за една сезона ќе си се осигура себе си и своите наследници за цел живот, а ние во малите спортови тоа нема да го заработиме за цел живот. Кога читам за такви дрски и безобразни трансфери во фудбалот, секогаш помислувам дека таму се перат големи пари“ – смета тој.