Некогаш најдобриот светски фудбалер, Бразилецот Роналдо Назарио де Лима кој е претседател на шпанскиот прволигаш, Реал Валјадолид им испрати писмо на 22.000 навивачи на клубот кои имаат годишни влезници.
Шпанска „Марка“ писмото го пренесе во целост:
„Со недели размислував како да ви се обратам во овие чувствителни времиња и лоши вести. Конечно, одлучив да ви го испратам ова писмо со надеж дека ќе ја почувствувате приврзаноста. Од мојот дом во вашиот дом, од моето семејство до вашето семејство. Физички сме раздвоени, но уверен сум дека никогаш не сме биле вака блиски. Колективен дух, одговорност, хуманост. Дома сме заради самите нас, заради оние кои ги сакаме, поради оние кои и не ги познаваме и поради оние кои веќе не се со нас. Си помагаме со прифаќање на оваа солидарност на разни начини. Фудбалот ме научи на многу работи, а најмногу на тоа како да се совладаат проблемите. Кога ја зарабтив првата и најтешка повреда на колената, ми зборуваа дека никогаш повеќе нема да заиграм, па дури и дека нема да можам да одам. Се чувствував како да ми го зеле целиот живот. Во тие моменти, се борев на сите да им докажам како можам да го правам она што најмногу го сакам. Беа тоа 3 тешки години на рехабилитација. Ме мотивираше желбата повторно да го почувствувам она што можев да го доживеам на тревата, со топката в нозе. На крајот дојде тој момент, можеби и најзначајниот во мојата кариера. 2002 година, бев во Јапонија на СП со Бразил и дадов два гола во финалето против Германија. За мојата земја, за петкратниот првак, за мене, тоа беше посвета на моето враќање. Сигурен сум дека и вие, кога ќе се осврнете, ќе се сетите колку пати сте надвладеале над загубената битка, правејќи го возможно она што изгледало како невозможно. Ако ова писмо стигнало до вас, тоа е затоа што мојот животен избор беше Валјадолид. И јас избрав и јас бев страстен. Како и вие, се радувам на враќањето во нашиот дом, на стадион. Затварам очи и гледам дека е полн со луѓе, таа страст ме подига. Надвор од теренот, и понатаму сакам да се издигнеме над сите препреки и лично сакам да ви се заблагодара, што сте со мене откако влегов во ова семејство. Останете расположени. Во ова сме заедно и заедно ќе излеземе. Се гледаме наскоро„ – Роналдо Назарио.