Долгогодишниот прв чувар на македонската национална ракометна мрежа, Борко Ристовски в сабота ќе го каже судбоносното „да“ иако веќе како багаж има и наследник, синот Душан.
На 5 јануари голманот ќе се венча со Николина, со која лани добија син.
Свадбата на „министерот за одбрана“ и неговата избраничка ќе се одржи в сабота во Скопје, истиот ден кога нашите најдобри ракометари ќе го играат вториот контролен натпревар против Србија (од затворен тип) како подготовка за Мундијал во Германија и во Данска што започнува за десетина дена.
По мечот со Србите, попладнето се очекува репрезентативните колеги на Борко да ги видиме во хотелот „Мериот“ како се снаоѓаат со ората.
Ристовски по свадбата ќе ги заврши подготовките со репрезентацијата под раководство на селекторот Раул Гонзалез, па очекуваме да го видиме меѓу стативите на премиерниот натпревар за Македонија на Мундијалот против непознаникот во групата, селекцијата на Јапонија.