Екс-менаџерот на Манчестер Јунајтед, Португалецот Жозе Мурињо вели дека „црвените ѓаволи“ најдобра шанса да се пласираат во ЛШ имаат преку Лига Европа.
Јунајтед по 11 одиграни кола во Премиерлигата е на десеттата позиција со 10 бода помалку од четвртопласираната екипа со загарантирано место во ЛШ.
Португалскиот тренер смета дека тимот на Оле Гунар Солскјер нема многу избор, па мора да ја освои ЛЕ за да избори место во ЛШ наредната сезона.
Клубот од „Олд Трафорд“ во мај 2017 година под водство на Мурињо ја освои Лига Европа, во финалето тогаш во Стокхолм го победија Ајакс со 2-0.
„Како да играат ЛШ? За почеток нека ја освојат ЛЕ. Мислам дека клубот кој според својата димензија, потенцијал и историја не припаѓа на ова натпреварување едноставно мора да ја освои. Мислам дека пласманот мешу најдобрите 4 екипи во Премиерлигата за нив сезонава ќе биде прилично добро достигнување“ – вели Мурињо.
Со него не се согласува менаџерот Солскјер кој смета дека е се уште рано да се подвлекува линија во сезоната.
„Лига Европа е само еден пат кон ЛШ, еден од два, а само ноември е. Зарем треба да зборуваме за пласманот на табелата уште во ноември? Вистина е дека немаме бодови толку колку што би сакале, но целта ни е да сме меѓу четирите најдобри“ – вели Норвежанецот.