МЗТ Скопје со изненадувачка победа 83-89 се враќа од Задар во првиот бараж меч за влез во најквалитетната кошаркарска АБА лига.
„Штрковите“ одиграа фантастично прво полувреме во Хрватска. Скопскиот тим изненадувачки во салата на противникот на полувреме замина со предност од +21 поен, на семафорот стоеше 36-57.
Поранешниот играч на Задар, Иванов кој сега е дел од тимот од скопски Аеродром во првото полувреме постигна 17 поени, а свои моменти ва првите 20 минути имаа и Медфорд и Вудард.
Во третата четвртина заморот и високиот ритам почнаа негативно да влијаат во играта на „металците“, па оваа четвртина со резултат 25-22 им припадна на домаќините.
Задар тргна на се или ништо во последниот период од мечот, последната четвртина ја доби во своја корист со високи 22-10, но сепак немаше сила за целосен пресврт. Конечниот резултат гласеше 83-89 во корист на МЗТ Скопје.
Најпрецизни во победничката екипа беа Бојиќ со 24, Вудард со 22 поени, Иванов застана на 19, а Медфорд реализираше 13 поени.
Кај тимот на Задар најпрецизен беше Божиќ со 19 поени, а Литл беше стрелец на 18 поени.
Сега бараж-серијата се сели во Скопје. Истите ривали идната среда ќе се судрат во салата „Јане Сандански“, а евентуалниот трет меч повторно ќе се игра во Задар на 30 април.
.