Шпанскиот тениски ас, Рафаел Надал остави длабока трага во тениската историја, испиша многу рекорди, освои 19 грен слем титули, со гордост го носи прекарот „крал на земјени терени“ затоа што освои 12 рофеи на Ролан Гарос.
Тој е еден од ретките играчи кои никогаш не го „прозвал“ противникот, секогаш се води од фер-плеј, но е посебен во некои ритуали кои многумина не ги разбираат.
Шпанецот на секој меч не ја гази линијата на теренот надвор од поенот, а интересно е и тоа што секогаш педантно ги реди шишињата со вода секогаш на исто место.
Велат дека тоа е опсесија, но Надал смета дека тоа е ритуал.
„Ако не знам што да правам со шишињата, тоа би значело дека во паузите можам да мислам на нешто друго, а не за играта. Вака, секогаш исто ги местам, тоа стана автоматизам, па можам да се сконцентрирам само на играта и она што претстои“ – рече Надал.
Тенисерот кој е роден на Мајорка пред 33 години откри податок кој многумина ги зачуди – во текот на кариерата не скршил ниту еден тениски рекет.
„Имам скршено 0 до сега. Семејството не ми дозволува да кршам рекети, а за мене кршењето рекети би значело дека немам контрола над своите емоции“ – вели Шпанецот.
Надал на стартот на првиот сезонски грен слем, Австралија Опен ќе игра против Боливиецот Уго Делијено.