Top Sport

Надал за Ѓоковиќ: Играм против најдобриот во светот, ќе биде тежок меч!

Тениското класико, утрешниот финален меч меѓу старите познаници, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал ќе го даде одговорот на прашањето кој ќе дојде до првиот трофеј годинава, на Гренд слем турнирот во Мелбурн, Австралија Опен.

Мечот започнува утре во 09.30 по средноевропско време, а тоа ќе биде втор финален дуел меѓу овие двајца тенисери, по финалето одиграно во Мелбурн во 2012 година. Тогаш по 5 сета победата отиде за Ѓоковиќ.

Утрешниот меч меѓу двата тениски аса ќе биде нивни 53. меѓусебен дуел, па Надал со одбрани зборови говори за својот противник.

„Уживам во ривалството и со Новак и со Роже. И едниот и другиот ме примораа да бидам подобар играч. Кариерата ја поминав играјќи со двајцата најдобри тенисери на светот. Беа посебни сите моменти кои ги поделив со Новак на теренот, ова ќе биде уште една епизода“ – вели Рафа Надал.

Тој смета дека благодарение на тие мечеви, во минатото напредувал во кариерата.

„Без ривали за кои чувствувате дека се во одредени моменти подобри од вас, нема напредок. Тоа се главните причини што сме сеуште овде, се туркавме еден со друг низ годините“ – смета Шпанецот.

За утрешното финале тој е дециден дека Ѓоковиќ е тешко да се победи.

„Кога игра најдобро што може, тешко е да го победиш. Кога сум јас на највисоко ниво сум тежок ривал. Ќе биде тежок меч, морам да сум максимално подготвен. Мотивиран сум, играм против човекот кој е најдобар на светот“ вели Надал.

Надал утре ќе се обиде да дојде до својата 18-та Гренд слем титула, а Ѓоковиќ ќе се бори за 15. трофеј.

За споредба, Роџер Федерер има досега 20 титули во кариерата.

Scroll to Top