Возачот на екипата Алфа Ромео, Антонио Џовинаци ја поддржува идејата сезоната во Формула 1 да почне без присуство на публика, поради пандемијата на коронавирусот.
Сезоната во Формула 1 требаше да започне на 12 март во Австралија, а досега се одложени или откажани вкупно 9 трки.
Спортскиот директор во Ф1, Рос Браус неодамна рече дека се разгледува можноста натпреварувањето да почне без публика.
„Сигурно ќе биде многу поинаку, луѓето кои доаѓаат да не поддржат ни даваат дополнителна мотивација, но сега најважно е да се тркаме во безбедни услови, а еден од начините за тоа е да нема публика на трибините. Ќе не поддржуваат од своите домови“ рече возачот на Алфа Ромео, Антонио Џовинаци.
Тој е единствениот италијански возач во Ф1 сезонава, а неговата татковина е најпогодена од коронавирусот.
Откако се врати од Мелбурн, тој е во изолација во Монако, одвоен од семејството и девојката кои се во Италија.