Предводникот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев е сигурен дека поразот во Ереван од Ерменија ќе се заборави и уште утре нашите фудбалери против Лихтенштајн ќе покажат со каков квалитет располагаат.
Попаднево Пандев и селектор Ангеловски имаа средба со новинарите во пресрет на важниот меч во Вадуз, против Лихтенштајн.
„Поразот од Ерменија беше една само лоша вечер за нас, но и за судијата. Не знам зошто поразот од Ерменија некои го доживеаја трагично. Јас се уште стојам на тоа дека ова е нашата најдобра генерација во историјата и тоа ќе го докажеме утре“ – рече капитенот Пандев
Селекторот на репрезентацијта, Игор Ангеловски вели дека атмосферата секогаш била на највисоко ниво, така е и сега.
„Верував во оваа репрезентација кога малкумина веруваа. Не е важно против кого играме, туку за што играме, а утре играме за голема цел“ – вели Ангеловски.
По високиот пораз против Ерменија на кој со своите несреќни интервенции кумуваше и голманот Столе Димитриевски, селекторот е дециден:
„Тој е прв голман, тој брани во Примера и воопшто не се сомневам ни во него, ни во останатите“.