Победата на српската фудбалска репрезентација над Литванија не го „испра“ дебаклот на „орлите“ против Украина од 5-0, па Фудбалскиот сојуз на Србија денеска решил да го раскине договорот со селекторот, Младен Крстајиќ. Од Сојузот информираат дека името на новиот селектор на Србија ќе биде обелоденето во наредните денови.
Медиумите кај нашиот северен сосед изминатите денови пишуваа дека Љубиша Тумбаковиќ е фаворит за селекторското столче, но барем засега, нема договор.
Крстајиќ заминува од селекција со позитивен скор зад себе – 9 победи, 5 нерешени и 5 порази). Сепак, впечатокот е дека салдото го направи пред се во Лигата на нации, на 6 дуели со објективно послаби селекции.
Неговиот мандат ќе се памети по многубројните кавги со фудбалерите, пред се симнувањето на капитенската лента од раката на Бранислав Ивановиќ, но и исфрлањето од тимот на Лука Миливоевиќ.