Екс-тренерот на Барселона и селектор на Шпанија, Луис Енрике размислува за продолжување на тренерската кариера по огромната семејна трагедија. Реномираниот „ЕСПН“ пишува дека Енрике размислува од идната сезона да му се врати на фудбалот, а најчесто неговото име се поврзува со менаџерската позиција во Арсенал, каде сега се наоѓа неговиот сонародник Унаи Емери.
Сепак, извори блиски на екс-селекторот, информираат дека тој не е заинтересиран за клупата на „топчиите“.
Екс-фудбалерот на каталонскиот клуб на почетокот на годинава го напушти кормилото на „фуријата“ за да биде покрај својата ќерка, која сепак ја загуби битката со болеста. Оваа сезона Енрике не сака да се враќа, но наводно плановите му се за идната.
Како можни дестинации се споменуваат Премиерлигата и Серија А, каде веќе работеше како тренер, во Рома во сезоната 2011/2012.
Шпанскиот стратег сигурно ќе одбере клуб во кој ќе има потполна слобода да ги одбира засилувањата, а како идеален клуб во Италија во моментов за него е Милан.