Top Sport

ПСЖ на Раул е вистинска „машина“ – го прегази Флензбург сред Германија

Пари Сен-Жермен го продолжи победничкиот поход во Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај Флензбург стигна до 20:27 триумф, што е осма победа во исто толку мечеви во европската елита на тимот чиј тренер оваа сезона е поранешниот вардаров стратег, Раул Гонзалес.

Откако пред само четири дена стигнаа до драматична победа со еден гол разлика над Флензбург во Париз (29:28), овојпат „светците“ не дозволија изненадување, правејќи предност на стартот на мечот, и одржувајќи ја за висока победа со +7 разлика. Ова исто така е прва победа на ПСЖ на гости кај Флензбург во последните три сезони, откако загубија со 39:32 во 2015 и со 33:29 минатата сезона.

Шест гола за ПСЖ постигна расположениот Данец, Микел Хансен, додека Уве Генсхајмер, Германецот кој го постигна победничкиот гол во првиот меч, имаше пет гола. За домаќините по четири гола имаа Ласе Сван, Хампус Ване и Расмус Лауге.

ПСЖ е единствената екипа во ЛШ со максимални 16 поени по осум кола и уште сега е сигурен патник на Фајнал фор турнирот, додека Флензбург е на четвртото место во групата Б со три победи и 6 поени, зад Нант (7) и Сегед (12).

Фото: ЕПА

Scroll to Top