Top Sport

Работнички ја здрма Шкендија под Шара, Струга падна кај Вардар

Изненадувачки пораз за Шкендија во Тетово. Работнички си замина со целиот плен по триумфот од 1-0, со голот на Тошевски во 54 минута. Сега заостанувањето на тетовскиот клуб зад лидерот Вардар е цели 11 бода, а со новиот триумф и одличните пролетни игри, „Романтичарите“ полека но сигурно бегаат од местата кои водат во понизок ранг.

Првопласираната екипа на табелата во ПМФЛ, Вардар забележа нова минимална победа во походот кон шампионската титула. На нашиот најголем стадион, Вардар со 1-0 беше поуспешен од екипата на Струга Трим Лум.

Во тврди и неизвесен натпревар, единствениот гол на натпреварот беше дело на Новак во 69 минута.

Академија Пандев од Струмица повторно е поразена. Ренова како гостин славеше против „Академијата“ со 1-0, со голот на Велија постигнат во 38 минута.

Академија Пандев од 23 октомври минатата година не знае за победа во лигата.

На преостанатите два денешни натпревари, Шкупи во Чаир одигра 1-1 со Силекс, а Македонија ЃП на домашен терен беше поразена од Борец Велес со 0-2.

Еве како изгледа прволигашката табела по 23 одиграни кола:

Вардар 46 бода, Силекс 36, Шкендија 35, Ренова 31, Македонија ЃП 29, Шкупи 29, А. Пандев 28, Работнички 28, Борец 27 и Струга ТЛ 25.
Фото:ФК Работнички

Scroll to Top