Финскиот возач во Формула 1, Кими Раиконен вели дека не му недостасува мотивација иако наскоро ќе наполни 40 години.
„Немам некоја посебна работа која ме мотивира. Ова веќе стана хоби за мене, можеби и повеќе од било што друго. Тоа најверојатно е причина зошто повторно ми е забавно“ вели Раиконен пред трката во Кина.
Раиконен во „летечкиот циркус“ дебитираше во 2001 година, а шест сезони подоцна стана шампион на Ф1.
Оваа сезона вози за Алфа Ромео. Ферари на негово место го ангажираше 21-годишниот Шарл Леклер, а Раиконен на двете први трки сезонава освои бодови. Во Австралија беше осми, а во Бахреин седми.
„Секогаш се трудам да направам најдобро што можам. Мотивацијата никогаш не ми била прашање“ – рече Раиконен.
Вели дека оваа сезона нема посебна цел, а за пензија не размислува. Тој во Ф1 има 21 победа досега.
Претстојната трка за Големата награда на Кина ќе биде илјадитата во историјата на Формула 1. Првата трка се одржала во 1950 година, а победник бил Џузепе Фарина со Алфа Ромео.