Top Sport

Раиола е лут на Јувентус, сака Де Лихт да го продаде во Реал Мадрид?

Мино Раиола, кој заедно со Жорге Мендеш е еден од најпознатите фудбалски агенти во светот, им го понудил холандскиот фудбалер, Матијс де Лихт на челниците на Реал Мадрид, пишува денеска каталонски „Спорт“.

Информациите се дека Раиола итно бара нов клуб за Холанѓанецот оти смета дека дефанзивецот не го добива заслужениот простор во редовите на „Старата дама“. Како идеална опција за Де Лихт менаџерот смета дека е Кралскиот клуб.

Холандскиот интернационалец во редовите на клубот од Торино дојде од Ајакс за 85 милиони евра. Веднаш по пристигнувањето во новата средина, младиот фудбалер веднаш беше „фрлен в оган“ поради повредата на Џорџо Киелини кој беше тешко повреден.

Холанѓанецот не се снајде најдобро, па Турчинот Мерих Демирел го замени во првата постава. Сепак, и тој се повреди, па Де Лихт мораше да биде прва стоперска опција во тимот на Маурицио Сари.

На Раиола не му се допаѓа тоа што Де Лихт го „шетаат“ од прва постава, па на клупа и обратно, па затоа бара решение холандскиот стопер да ја промени средината.

Во Реал, пак, веќе бараат долгорочна замена за капитенот Серхио Рамос кој е на залезот на кариерата.

Scroll to Top