Top Sport

Реал Мадрид третпат по ред е клупски светски шампион, Ал Аин недораснат противник (видео)

Најтрофејниот европски фудбалски клуб Реал Мадрид е освојувач на титулата светски клупски првак откако предмалку во финалето на Светското клупско првенство во Абу Даби, ОАЕ го победи домашниот претставник Ал Аин со резултат 4-1.

Ал Аин кој сензационално стигна во финалето совладувајќи ја фаворизираната екипа на Ривер Плата во полуфиналето, денеска немаше шанси за нов подвиг против „Кралскиот клуб“.

Во првото полувреме, Ал Аин имаше голема шанса да поведе на мечот, но Серхио Рамос на самата гол линија спречи водство. Во следниот напад следуваше казната. Егзекутор беше најдобриот фудбалер за 2018 година, Хрватот Лука Модриќ кој на асистенција на Бензема, во 14 минута носи предност за Реал од 1-0.

Во вториот дел Реал продолжи со доминацијата, па во 60 минута со голот на Љоренте дојде до водство од 2-0. Реал го имаше поседот во текот на целиот меч, а во 79 минута Рамос погоди со глава, на асистенција на Модриќ.

Почесен погодок за Ал Аин постигна Шиотан во 86 минута со глава.

Кога се чекаше само последниот свиреж на судијата, Надер си постигна автогол во 91 минута за конечни 4-1.

Реал денеска стана светски клупски шампион трета години по ред, со што влегува во историјата, на ниеден клуб не му успеал ваков подвиг.
Кралевите од Мадрид ја освоија осмата интернационална титула во деветтото финале.

Scroll to Top