Како и да заврши оваа сезона, а изгледа како невозможна мисија Сити да ја одбрани титулата во Премиерлигата, Пеп Гаврдиола ќе остане на клупата на „граѓаните“ и следната сезона. Ова го тврди самиот менаџер на Сити кој минатото лето „го селеа“ најмногу во Јувентус.
„Освен ако од клубот не ме сменат, останувам во Сити 100%. Не зборувам затоа што ги добивме последните два натпревари, туку и ако биде лошо до крајот на сезоната, сигурно никаде нема да одам. Нема таков тренер кој ги добил сите мечеви во кариерата. Уживам да работам со овие момци“ – вели Гвардиола.
Шпанскиот стратег денеска полни 49 години, многу постигна во кариерата, некои го нарекуваат и револуционерен тренер, но години тренерска работа се уште се пред него.
Тренерот на Кристал палас, Рој Хоџсон е 23 години постар од Гвардиола.
„Ако сте на тренинг на 72 години, значи дека ви е многу досадно дома. Нашата работа е убава, работиме со млади луѓе, спортисти, се натпреваруваме. Секој меч е различен. Можеби тоа е причината што Рој и останатите менаџери остануваат тука. Јас нема да се пензионирам утре, ниту следната година, но мислам дека нема да траам толку долго како некои“ – вели Шпанецот.