Тешко е да се верува дека Лионел Меси ќе си замине од Барселона, смета бразилската легенда Роналдо, бидејќи со тоа не би се решило ништо во каталонскиот клуб.
Промените во Барселона започнаа по засрамувачкиот 8:2 пораз од Баерн Минхен, и веќе си заминаа тренерот Кике Сетиен и спортскиот директор Ерик Абидал, кои беа заменети со Роналд Куман и Рамон Планес, а исто така се закажани и претседателски избори во март.
Шпанските медиуми тврдат дека голем број од првиот тим на клубот, вклучувајќи имиња како Луис Суарез, Жорди Алба и Серхио Бускетс се на продажба, но фановите најмногу ги загрижуваат вестите дека и Меси е меѓу тие кои сакаат да заминат. Роналдо, кој е сопственик на шпанскиот клуб Валјадолид, вели дека финансиските услови по корона вирусот, го прават трансферот на Меси „невозможен“.
„Тешко е да се верува дека Меси ќе си замине од Барселона, посебно со оваа финансиска криза која се чувствува во Европа. Меси е репер за овој тим и да бев на чело на Барселона никогаш не би го пуштил да си замине. Тој има посебен однос со клубот и не верувам дека таа љубов се потрошила. Секако, тој е вознемирен по поразот од Баерн, а му требаат и соиграчи кои ќе му помогнат. Барса мора да смисли нешто поинаку за новата сезона. Да се ослободиш од својот клучен играч не е никакво решение“, вели Роналдо.