Некои го сакаат, други баш не, и тоа се поради неговата голема самоувереност и понекогаш, ароганцијата.
Се работи за Кристијано Роналдо кој надвор од теренот ги разбива предрасудите. „Business Insider“ пишува дека Португалецот во 2015 година е прогласен за најголем добротвор во светот на спортот.
Меѓу некои од неговите најистакнати добротворни акции спаѓа и аукцијата на која ја продаде репликата од Златна топка во 2013 година за 600.000 евра. Парите од аукцијата отидоа на сметката на фондацијата „Make-A-Wish“ во Лондон.
Португалскиот фудбалски ас финансираше изградба на педијатриска болница во Чиле, а амбасадор е и на бројни светски добротворни организации. Роналдо од исклучително хумани причини нема тетоважа на своето тело, иако голем број спортисти во светот се прекриени со бројни тетоважи.
Во интервју за италијанска „Direttа“ Роналдо истакна дека „нема тетоважа за да може редовно да дарува крв“. Крв можат да даруваат и оние кои се тетовирани, но најмалку 4 месеци по последната тетоважа, по правило на растојание помеѓу половина и една година.
Португалецот одлучи да почне со донирањето крв откако на неговиот колега од репрезентацијата, Карлос Мартинс му беше дијагностицирана ретка болест на крвта. Освен тоа, асот во една прилика донирал и коскена срж.
„Го сторив тоа пред многу години и кога би морал, би го направил повторно. Тоа е сериозна болест за многу деца и треба да им помогнеме. Процесот е едноставен, а по него се чувствувате среќен“ – изјави Роналдо.