Top Sport

Се одржа трибина: Спортот во Република Македонија

На Факултетот за спорт и млади во четвртокот се одржа трибина на тема: „Спортот во Република Македонија“ на која учесниците расправаа по предлозите за реализиција на бројни стратешки определби, насоки и принципи за развој на спортот во Македонија.

За учесниците на трибината проф. д-р Ѓорѓи Спасов, поранешен декан и продекан на Факултетот за спорт и самостоен истражувач во спортот и наставата по физичко образование и професор на Педагошкиот факултет во Скопје, подготви 32 точки за дебатата.

Говорниците сметаат дека треба да има реформа во наставата по физичко во предучилишната и училишната возраст.

Според нив, има потреба за наставници по физичко образование уште од прво одделение бидејќи сега на учениците од прв до петто одделение физичко им предаваат нивните одделенски наставници.

„Ние како фела треба да се насочиме кон овој дел, кон учениците од прво до петто одделение. Тука детето треба да ги стекне спортските навики“, рече деканот на Факултетот за спорт, Ленче Алексовска-Василевска.

Исто така, учесниците на трибината сметаат дека има потреба од (не)реализација на процесот на децентрализација на спортот од локално на централно ниво.

Во голем дел учесниците на трибината се согласија дека треба да се направат измени и во Законот за спорт.

„Нашиот закон е добар, најдобар во земјите од поранешна Југославија и од земјите од регионот. Има тука некои работи што треба да се додефинираат, како пр. лиценцирањето на клубовите, тренерите, федерациите…“, рече Томислав Андоновски од АМС.

Организатори на оваа трибина беа Агенцијата за спорт и млади, Факултетот за спорт, Институтот за спорт и Клубот на спортски ветерани.

Scroll to Top