Top Sport

Шок исповед на Иниеста: Се „клукав“ со апчиња, девојка ми ме спаси!

Легендарниот шпански фудбалер, Андрес Иниеста кој со Барселона и Фуријата освои се што можеше да посака раскажа за хорор-период од животот низ кој поминал. Со тоа го најави документарецот „Иниеста – неочекуван херој“.

Фудбалерот раскажа за 2009-тата кога се борел со депресија. Една од причините била загубата на неговиот пријател, 26-годишниот дефанзивец на Еспањол, Дани Харке кој почина од инфаркт.

„Дојдов до состојба на кома и само чекав денот да заврши, да можам да легнам и да спијам. Толку ми беше лошо, ми требаше одмор. Во кариерата ми беше тешко, оние кои ме знаат се свесни низ што се поминав, но никогаш не помислив да престанам со тренинзите“ – рече Иниеста за британски „Сан“.

Тоа што посебно било лошо за него било тоа што „се клукал“ со лекови.

„Не можев да се смирам ниту кога ќе паднеше ноќта, па морав да пијам таблети. Мојата сопруга, која тогаш ми беше девојка никогаш не ме остави. Поминуваше ноќи во куќата на моите родители. Луѓето кои ве опкружуваат се важни, тие ви ја носат смислата на животот“ – вели Иниеста.

Тој смета дека со ова негово признание може да им помогне на многумина.

„Луѓето кои ги слушнаа моите проблеми велат дека се чувствуваат подобро откако го раскажав тоа. Ако успеам да и помогнам барем на една личност, се ќе има смисла“ – вели фудбалерот кој моментно е играч на јапонски Висел Кобе.

Иниеста цели 16 сезони беше дел од Барселона, освои 4 трофеи во ЛШ, а деветпати со клубот беше шампион на Шпанија.

Scroll to Top