Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими членовите на машката и женската кадетска ракометна репрезентација, кои на 27. Светско првенство во ракомет за средношколци, одржано во Скопје, постигнаа историски успех: машката кадетска селекција го освои златниот медал и се закити со титулата светски училишен шампион, а женската кадетска селекција освои сребрен медал и стана светски вицешампион.
Честитајќи им за извонредниот успех, претседателката им се заблагодари за витешката битка, личната и тимска победа, како и достојното претставување на државата на светската ракометна сцена.
Таа смета дека освоените медали се резултат на истрајната работа, темелната посветеност и исклучителниот талент, како и награда за манифестираната способност за рамноправен натпревар со најдобрите училишни селекции во светот, што ги прави најдобри македонски спортски амбасадори.
Сиљановска-Давкова потенцираше дека ракометот има посебно место во македонската спортска историја, во којашто и самите се вградија.
Исто така, претседателката потсети дека македонскиот ракомет изнедри генерации врвни спортисти, кои инспирира низа генерации.
Осврнувајќи се на значењето на спортот во развојот на физичкото и менталното здравје на младите, таа заклучи дека ракометот е повеќе од игра, тој е животна филозофија во којашто се спојуваат дисциплината и страста, умот, вештината и храброста, личниот напор и колективниот дух.
Според неа, преку спортот младите учат како индивидуалниот придонес да го насочат кон врвната заедничка цел, преку доверба, солидарност и свест за општо добро.
Младите ракометари и ракометарки во извонредното достигање препознаваат потврда и признание за трудот, но и силна мотивација за стремеж кон освојување нови ракометни спортски врвови.
Посакувајќи им успешна иднина, Сиљановска-Давкова им посака да го задржат и негуваат шампионскиот дух.
На средбата присуствуваа и претставници на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, предводени од претседателката Елена Мицковска, која на претседателката Сиљановска-Давкова ѝ врачи Благодарница за посебен придонес во развојот и афирмацијата на училишниот спорт.
