На денешен ден пред 38 години е роден легендарниот шведски фудбалер со балкански корени – Златан Ибрахимовиќ.
Тој во својата биографија „Јас сум Златан“ раскажува за детството нагласувајќи дека „Бевме страшно сиромашни, ништо не можевме да си дозволиме. Фрижидерот постојано беше празен, се сеќавам дека често бев гладен.
Златан е роден во Малме, Шведска. Неговите родители Јурка и Шефик во 1970 емигрирале во Шведска.
Тој детството го поминал во Розенгард, предградие на Малме.
Неговите родители се развеле уште кога имал 2 години. Татко му бил домар, а мајка му по 14 часа на ден работела како хигиеничарка
„Имав тешко детство, израснав во емигрантска населба во Малме, во опкружување на емигранти од Југославија, Сомалја, Турција и Полска. Родителите не ми помогнаа многу, ретко покажуваа чувства кон мене“ – се присетува фудбалерот.
Ибрахимовиќ во текот на кариерата имаше неколку големи фудбалски транфери.
Почна во Малме, но пресвртот во кариерата дојде откако премина во Ајакс. За клубот од Амстердам играше од 2001 до 2004.
Играше и во Јувентус, Интер, па премина во Барселона, а во 2011 година отиде да игра за Милан.
Една година подоцна премина во ПСЖ. Во својата последна сезона во Париз постигна 38 гола од вкупно 156 за „светците“.
Оттаму од 2016 до 2018 играше за Манчестер Јунајтед, а сега настапува за ЛА Галакси.
Ибрахимовиќ во текот на кариерата има постигнато повеќе од 500 гола, а за шведската репрезентација постигна 62 погодоци.