На 1 јуни во „Ланксес Арена“ во Келн, македонскиот шампион Вардар, шпанска Барселона, унгарски Веспрем и полски Киелце ќе се борат на Ф4 турнирот за насловот шампион на Европа во ракомет за сезоната 2018/2019.
Скопски Вардар за противник во полуфиналето на жрепка ја доби супер-силната Барселона, тимот против кој играше и пред две години, кога со голот на Лука Циндриќ во последните секунди обезбеди влез во големото финале. Потоа Вардар го среди и ПСЖ и стана европски шампион.
Во пресрет на новата полуфинална пресметка меѓу ракометните познаници, еден од најдобрите средни бекови сезонава во ЛШ, Словенецот во „црвено-црн“ дрес, Стаж Скубе (29) во интервју за официјалната страница на ЕХФ порачува:
„Имам важна улога во тимот и доста време поминувам на теренот, што ме прави да се чувствувам одлично во Вардар. Тимот ме прифати брзо и без никаков проблем. Тоа беше важно за мене и за мојата игра во Лигата на шампионите“. По заминувањето на сите играчи, сите очекуваа пад на формата на Вардар. Но, мило ми е што одигравме добро во последните месеци од сезоната, особено во четвртфиналето против ПИК Сегед. Не само јас, туку сите играчи, и поради тоа се изборивме за завршен турнир. Секој играч сонува да игра во Келн, а јас сум пресреќен што ќе бидам дел од „фајнал-форот“ на најдоброто клупско натпреварување во Европа. Се надевам дека тоа ќе биде незаборавно искуство за мене“ – смета Скубе.
Словенецот роден во Ново Место за кого ова ќе биде прв Ф4 турнир во кариерата има само пофални зборови за полуфиналниот противник.
„Противникот во полуфиналето е еден од најдобрите тимови во Лигата на шампионите. Знам дека ќе имаме тешка задача, но земајќи ја предвид мотивацијата и целото шоу во Келн, мислам дека се е возможно. Нашата цел оваа сезона беше титула во СЕХА лигата и пласман на Ф4 во Келн. Сега кога сме таму, ќе се обидеме да ја изненадиме конкуренцијата и да се искачиме на врвот“ – вели брзоногиот бек.