Веселин Вујовиќ би можел наскоро да ја напушти селектроската клупа во Словенија по 4 успешни години, пишуваат дел од словенечките медиуми. Тоа би значело дека популарниот тренер не би останал на селекторското столче до крајот на мандатот иако тој посакува да остане на позицијата и да го води тимот до Олимписките игри 2020 во Токио.
Серијата слаб партии на селекцијата и лошиот однос на Црногорецот со дел од ракометните репрезентативци најверојатно ќе го забрзаат процесот на негова смена од позицијата.
Популарниот „Вујо-мајсторе“ кој во нашата земја е мошне популарен пред се од времето кога беше тренер на Вардар, во неколку наврати јавно го изразува незадоволството од настапите на одредени ракометари во селекција, притоа користејќи тешки зборови што не е честа појава во Словенија.
Како што стојат работите, домашните медиуми пишуваат дека можно е тој да не го дочека ниту Европското првенство следниот јануари.
Се шпекулира и со негов наследник. Се споменува името на неговиот сегашен помошник, екс-играчот Урош Зорман, но на големо се пласира и вест дека Талант Душебаев би можел да стане селектор на Словенија откако во 2017 година ја напушти селекторската позиција во ракометната селекција на Полска.