Top Sport

Словенците се близу до полуфинале на ЕП, Португалците го загубија чекорот (видео)

Ракометните репрезентативци на Словенија повторно им се вратија на победите на Европското ракометно првенство по слабата партија и поразот кој го доживеаја во претходното коло од Унгарија.

Денеска, пулените на селекторот Љубомир Врањеш со 29-24 ја совладаа селекцијата на Португалија која беше едно од најголемите изненадувања во првичната фаза по групи. Се чини Португалците го загубија чекорот по сензационалната победа од 35-25 против домаќинот Шведска, па врзаа два порази кои дефинитивно ги отпишаа од шанса за пласман во полуфинале.

Од друга страна, Словенците одиграа рутинирано, искусно, квалитетно, па критиките после поразот од Унгарците се чини вродиле со плод.

Во првото полувреме се играше израмнет натпревар, двете селекции се менуваа во водството. На пауза се отиде со минимални 15-14 за Португалија.

Во второто полувреме продолжи „резултатската нишалка“ се до резултат 21-21.

Тогаш Словенците „уфрлија во поголема брзина“, па се одлепија. Голманот Ферлин влезе влезе во серија одбрани, а нападот беше незадржлив од сите позиции.

До крајот на мечот Португалците постигнаа само 3 гола, додека Словенците осумпати биеја прецизно за нова победа која им ја подотвора вратата за полуфинале на ЕП.

Во победничката селекција најпрецизен беше Јанц со 7 гола, а Доленец и Мачковшекпостигнаа по 6.

Најсветла точка кај Португалија беше голманот Квинтана со 15 одбрани, додека Гомес постигна 6 гола.

Словенија до борбата за медали може да стигне дури и со пораз во последното коло во главната групна фаза, од Норвешка, но тогаш ќе треба да чекаат резултати од другите мечеви, пред се од оние во кои настапува Унгарија.

Scroll to Top