Даниеле Орсато, арбитарот кој го судеше дербито Интер-Јувентус, неколку дена по натпреварот се уште трпи критики, особено од навивачите на Интер.
Јувентус победи во Милано, иако Интер до 87.минута имаше водство 2:1. Мислењата, околу арбитражата на Орсато се поделени, а најголем дел одат во насока дека тој тешко го оштетил Интер.
Незадоволните навивачи на Интер му испраќаат заканувачки пораки поради што тој побарал полициска заштита.
„Моите деца се исплашени и не сакам да бидам загрижен за нивната безбедност“, рекол Орсато за „Кориере дел венето“.
Весникот пишува дека семејството е загрижено дека може да биде нападнато во нивниот дом во близина на Венеција.
„Дали сме исплашени? Па зарем не гледата во каква состојба сме“, рекла сопругата на Орсато.
Даниеле Орсато во 15.минута му додели директен црвен картон на Матијас Весино, поради опасниот старт врз Марио Манџукиќ, а во второт полувреме пропушти да му го покаже вториот жолт картон на Миралем Пјаниќ.
Пресвртот против Интер, доби на значење, ден подоцна кога Фиорентина го порази Наполи со 3:0, а Јувентус ја зголеми предноста во однос на екипата до Неапол на четири бода.
До крајот на сезоната во Серија А остануваат уште три кола.