Top Sport

Супер трампа на повидок – Хамес Родригез во Јуве, Даглас Коста во Баерн?!

Иднината на Хамес Родригез во минхенски Баерн е подолго време неизвесна, а се понеизвесна станува и судбината на Даглас Коста кај „Старата дама“.

Медиумите на „Чизмата“ наголемо пишуваат за трампа – сценарио меѓу Колумбиецот и Бразилецот идното лето. Родригез ги одработува последните 6 месеци од двегодишната позајмица на Реал во Баерн. Баварците не се загреани да го задржат, Реал немаат намера да го вратат, во јануари Арсенал се споменуваше како опција, но се чини Јувентус е најреалната опција.

Во прилог на ваквите тврдења оди и фактот што менаџер на Колумбиецот е Жорж Мендеш, човекот кој Кристијано Роналдо го донесе во Јуве. Тогаш Мендеш наговести дека и други негови клиенти ќе дојдат во Торино.

„Доби многу понуди. Јувентус? Онака како што го гледам италијанскиот фудбал, преминот во Јувентус би била добра одлука. Многу е близок со Роналдо“ вели за германски „Билд“ таткото на Хамес, Вилсон Родригез.

Местото на фудбалерот на Баерн би можело да му го отвори Даглас Коста, екс-играч на Баварците, кој ги троши последните кредити кај „Старата дама“. Незадоволството е взаемно, Коста стана резерва, од 17 меча дури 10 пати влегувал од клупата, а 7 пати бил заменуван.

Летоска за него се интересираше Манчестер Сити, но сезонава не му оди. На 24 меча постигна само 1 гол во сите натпреварувања, а проблематичното однесување надвор од терените само му го загорчува престојот во Торино.

Scroll to Top