Top Sport

УЕФА ја казни Бугарија поради расизмот – меч без публика и 85.000 евра

Дисциплинската комисија на Европската фудбалска унија (УЕФА) ја казни Бугарија со еден меч без присуство на публика и парично со 85.000 евра поради расистичко однесување на навивачите на мечот против Англија.

Како што е соопштено на сајтот на УЕФА, Бугарите наредните две години ќе бидат под условна казна, па доколку се случи слично однесување, автоматски ќе добијат уште еден меч суспензија.

На мечот против Англија, бугарските навивачи ги навредуваа црномурестите фудбалери на „Гордиот Албион“, а дел од фановите на домашната селекција користеа и нацистички поздрави.

По мечот во Софија се крена голема врева, па претседателот на ФС на Бугарија, Борислав Михаилов и селекторот Красимир Балаков поднесоа оставки.

Во меѓувреме, поради инцидентот уапсени беа 16 навивачи, а на четворица им е забранет влез на стадион цели 2 години.
Бугарија пред празни трибини ќе ја пречека Чешка на 17 ноември.

Scroll to Top