Во Лас Вегас, на 18 јули годинава требаше да се случи завршниот чин од трилогијата меѓу боксерите-тешкаши, Тајсон Фјури и Дионтеј Вајлдер, меѓутоа тој двобој е одложен, поради пандемијата на коронавирусот во светски рамки.
Шпекулациите се дека двајцата борци би можеле ракавиците да ги вкрстат на 3. октомври, а додека траат нагодувањата, светот го прогнозира победникот.
Поранешниот светски првак, Џорџ Форман смета дека појасот во ВБЦ-категорија повторно ќе биде на телото на Вајлдер.
„Разговарав со Вајлдер, затоа што и јас бев во позиција во која неочекувано загубив во борба за титула. Знам низ што поминува и тој ќе мора да живее со тој пораз од Фјури. А јас можам да му покажам како е да се живее со тоа. Мислам дека Вајлдер може лесно да го победи Фјури, дајте му прилика и ќе и покаже“ – изјави Форман за „The Sun“.
Сепак, Форман смета дека Вајлдер се уште треба да учи.
„Тој е добар, но се уште не е близу до борци како што се Џо Луис, Џо Фрејзер и Мајк Тајсон“ рече популарниот „Биг Џорџ“.