Top Sport

Вардар нема среќа на Супер Глоуб, Кил му зема мерка на европскиот првак

Македонскиот и европски ракометен шампион, тимот на Вардар загуби во полуфиналето на ИХФ Супер Глоуб турнирот во Саудиска Арабија од германски Кил со 34-30. По вторпат „црвено-црните“ немаат среќа да влезат во борбата за трофејот на неофицијалното светско клупско ракометно првенство.

Во првото полувреме, кое го одбележаа слабите одбрани на двата тима, Вардар и Кил одиграа рамноправен меч, во кој по 30 минути игра бундеслигашот замина на пауза со предност од 17-15.

Прва „виолина“ кај Кил беше голманот Никлас Ландин кој бранеше константно добро во целиот меч, одбрани неколку седмерци и беше енигма за играчите во „црвено-црно“.

Ракометарите на германскиот клуб знаеја да ги казнат сите грешки на Вардарци, па на средината на вториот дел „зебрите“ стигнаа до двоцифрена предност (32-22).

Сепак, ракометарите на македонската ракометна гордост во последните минути од мечот заиграа подобро и на крајот избегнаа катастрофа, па мечот го завршија со „подносливи“ 34-30.

Најпрецизни кај Вардар беа трите крила, Дибиров, Чупиќ и Шишкарев со по 5 гола.

Кај Кил Ландин собра 12 одбрани, Дамке постигна 9, а Винчек 5 гола.

Финалето на ИХФ Супер Глоуб е во сабота, а во него, освен Кил, место ќе има и за подобриот од второто полуфинале кое се игра вечерва, меѓу Барселона и Ал Вахра.

Поразениот од овој двобој ќе игра со Вардар за трето место.

Scroll to Top