Скопски Вардар со победа од 31-28 (на полувреме беше 16-10) нагости кај последнопласираниот тим на Извиѓач ја заврши групната фаза во регионалната СЕХА лига. Со оваа победа Вардар барем на 24 часа се врати на челната позиција во СЕХА пред утрешните дуели на неговите конкуренти за лидерската позиција, хрватските тимови на Загреб и Нексе против Мешков, односно Татран.
Иако Вардар веќе е со мислите на осминафиналето во ракометната Лига на шампиони, сепак коректно го одработи гостувањето во БиХ. Вардар на овој меч беше без услугите на Борозан, Карачиќ, Горбок, Мишевски, Скубе, Криштопанс, Дибиров и Дисингер, па шанса за настап и докажување добија ракометарите кои имаат помала минутажа.
Најпрецизен кај вардарци беше репрезентативецот Мартин Поповски со 9 гола, а Дејан Кукуловски постигна 4 гола. Резервниот голман Гебдан собра 15 интервенции.
Кај домашниот тим најпрецизен беше Милјан Ивановиќ со 7 гола.
Утре по завршувањето на сите мечеви од последното коло ќе се знае противникот на Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот кој оваа година ќе се одржи во Брест, Белорусија.