Top Sport

Вардар со тежок триумф во Шведска, Криштопанс и Гедбане се јунаците

Скопски Вардар триумфално го заврши гостувањето кај шведски Кристијанштад во рамки на 13 коло од Лигата на шампиони. По 60 минути игра на семафорот стои 30-32 во корист на македонскиот шампион.

Фаворитот на овој меч влезе неубедливо во натпреварот, со многу дупки во одбраната во кои лесно поминуваше гостинскиот капитен, Гудмундсон кој на крајот стигна до 8 погодока.

Крајно индиспониран беше Тимур Дибиров кој имаше очајна реализација со само 3 гола од 9 обиди, од кои повеќето зицери. Левото крило на Вардар немаше решение за одличниот на голот Ричард Капелин кој мечот го заврши со 14 одбрани. Вардар имаше очајна статистика и од ударите од 7 метри, 0/3.

Сепак Вардар во својот состав го имаше одличниот Криштопанс кој постигна 8 гола. Добра партија имаше и капитенот Стоилов, а посебна заслуга за победата во Шведска има младиот голман, Гедбане.

Тој застана меѓу стативите на крајот на првото полувреме, нанижа 8 интервенции, а посебно значајна беше онаа на 1 минута до крајот на мечот кога одбрани зицер со кој домаќините ќе дојдеа до израмнување на резултатот.

Ова е осма победа за Вардар во осмиот меч против Кристијанштад во ЛШ, а со двата освоени бода Вардар барем за 24 часа ќе биде втор на табелата, пред Веспрем кој утре во Унгарија го игра својот меч против Мешков Брест.

Во последното коло од групната фаза Вардар во Скопје го пречекува актуелниот европски шампион, Монпелје.

Scroll to Top