Шест натпревари се одиграа во текот на изминатата ноќ во НБА лигата. Најинтересно беше во Њу Орлеанс и Торонто каде домашните тимови забележаа важни победи.
Пеликаните од Њу Орлеанс водат жестока борба за пласман во плејофот, а против Мемфис Гризлис ставија крај на серијата од четири порази. Њу Орлеанс славеше над Мемфис 123:95 и ја запиша 44.победа во сезоната.
Пеликаните на осмата позиција сега имаат една победа повеќе од Денвер Нагетс.
Њу Орлеанс до победата го предводеше триото Дејвис-Мур-Миротиќ. Мур за 29 минути на теренот постигна 30 поени, Миротиќ уфрли 25, а Дејвис забележа 28 поени и 12 скока.
Торонто Репторс, во дербито на Истокот, ги победија Бостон Селтикс и се блиску до обезбедување на првата стартна позиција. Торонто победи 96:78, а најефикасни беа Дерозан со 16, односно Ванвилт и Ибака со по 15 поени.
Торонто има 56 победи три повеќе од Бостон и во првата рунда од плејофот ќе игра против Вашингтон или Милвоки.
ЛА Лејкерс, по дополнителните пет минути ги совлада Сан Антонио Спарс 122:112. Спарс со овој пораз дополнително си ја отежнаа положбата, бидејќи сега имаат пораз помалку и две победи повеќе од Денвер.
Калдвел-Поуп постигна 21, а Фрај 19 поени за Лејкерси, додека кај Сан Антонио се истакна Олдриџ со 28 коша и девет скока.
На останатите натпревари Филаделфија победи во Детроит 115.108 и ја запиша 12.победа во низа, Орладо го совлада Далас 105:100, Атланта загуби од Мајами 86:115.