Кошаркарите на Химки го надиграа мадридски Реал со 102-94 во предградието на Москва во рамки на 20 коло во кошаркарската Евролига и така ја продолжија борбата за пласман во Топ 8.
Избраниците на Римас Куртинаитис доминираа во текот на целиот меч, а на стартот на последната четвртина влегоа со огромни +24 (93-69). Реал до крајот на мечот успеа поразот да го направи поднослив.
Кај Химки најефикасен беше Алексеј Швед со 21 поен и 12 асистенции, а Дејвин Букер броеше до 15.
Кај гостите од Мадрид кој го запипа петтиот сезонски пораз се истакнаа Џордан Мики со 20 и Фабијан Козер со 14 поени.
Кошаркарите на Фенербахче и Барселона приредија спектакл во Истанбул во дербито на колото. На крај победата ја однесе шпанската екипа со 80-74.
Двајцата стратези на екипите, Жељко Обрадовиќ и Светислав Пешиќ внесоа многу труд за да ги мотивираат своите играчи.
Барса отвори со 11-0, а на стартот на вториот дел беше и +18 за Каталонците. Фенер се бореше за пресврт и успеа дури да дојде до водство (64-63).
Сепак Барса со нова 8-0 серија го најави триумфот.
Најпрецизни во каталонскиот тим беа Клавер со 17 и Миротиќ со 12 поени, додека кај Фенер Де Коло и Калиниќ уфрлија по 12 поени.