Постојат фудбалери кои во кариерата го поминуваат патот од врвот до дното. Прво со клубовите ќе се качат на врвот на Европа или светот, па одат во пензија како анонимуси.
Многумина ќе се изненадат кога ќе разберат дека се уште активно играат. Заборавените 11, во формација 4-3-3.
Голман: Бред Џонс (37)
Чуварот на мрежата кој во кариерата играше за 12 клубови во 4 различни земји. Пред 9 години дојде во Ливерпул, но не успеа да се наметне, па во сезоната 2012/13 собра само 7 настапи. Денес брани во Ал Наср, Саудиска Арабија.
Стопер: Недум Онуха (33)
Овој англиски стопер потекнува од фудбалската школа на Манчестер Сити. Има 23 настапи за „граѓаните“ во сезоната 2008/09, по што му се губи трагата. Моментно игра за Реал Солт Лејк во МЛС лигата во САД.
Стопер: Стивен Тејлор (33)
Легендата на Њукасл, чиј дрес го носеше 13 години и понатаму е активен. По заминувањето од Њукасл се проба во МЛС лигата, а сега настапува во Австралија, за Велингтон Феникс.
Десен бек: Антонио Валенсија (34)
Беше капитен на Манчестер Јунајтед, но минатата сезона си отиде од „Олд Трафорд“ по 10 години и 241 меч. Се врати во родниот Еквадор и настапува за Квито.
Лев бек: Фабио Коентрао (31)
Во 2011 газдата на Реал, Флорентино Перез даде 30 милиони за да го доведе на „Бернабеу“. Сепак, тој никогаш не го достигна нивото кое го очекуваа, па по сезона во португалски Рио Аве, сега е слободен играч. Не е во пензија.
Централен играч од среден ред: Микел Есиен (36)
Омилениот играч на Жозе Мурињо, беспоштеден борец, еден од најдобрите фудбалери на Гана. Со Челси играше на 256 меча, а беше шампион на Англија пред да отиде во Милан. Сега игра за екипата на Сабаил, во Азербејџан.
Централен играч од среден ред: Ерик Џемба-Џемба (38)
Во кариерата играше во Франција, Англија, Катар, Данска, Израел, Шкотска, Индија, Индонезија, Србија и Швајцарија. Сер Алекс Фергусон го донесе во Јунајтед како замена на Рој Кин, но не се покажа на посакуваното ниво. Моментно е без клуб, но се уште бара ангажман.
Централен играч од среден ред: Шинсуке Накамура (41)
Еден од најдобрите изведувачи на слободни од Истокот. Играше за Селтик, Еспањол, а од 2010 е во Јапонија.
Лево крило: Сифиве Шабалала (35)
Уште една фудбалска икона бара нов клуб. Најпознатиот фудбалер на Јужноафриканската Република ова лето го заврши договорот со турски Ерзумспор. Запаметен е по сензационалниот погодок за својата земја на Мундијалот во 2010 против Мексико.
Десно крило: Жервињо (32)
Екс-играчот на Арсенал и Рома сега е во Парма. Имал мегаломански барања за да ја напушти Европа и да се пресели во ОАЕ (барал посебен хеликоптер, вила за цело семејство и приватна плажа).
Напаѓач: Федерико Мачеда (28)
Еден од најголемите таленти за кој Сер Алекс Фергусон мислеше дека нема шанси да киксне, сепак не успеа. За 6 години во Јунајтед собра само 19 настапи, а сега игра во грчки Панатинаикос.