Дан Милстајн, агент на НХЛ играчи кој е роден во Киев, но живее во САД и претставува 75 отсто од руските и белоруските хокеари кои играат во НХЛ лигата, вели дека неговите агенти добиваат „вознемирувачки нивоа“ на закани по рускиот напад на Украина.
Милстајн, кој ги претставува хокеарите како Никита Кучеров и Андреј Василевскиј од Темпа Беј Лајтнинг и Никита Задоров од Калгари флејмс смета дека хокеарите во моментов се дискриминирани.
„Дискриминацијата и расизмот кој го чувствуваат овие руски и белоруски хокеари во моментов е зачудувачки. Се вративме назад 30 години. Ми се јавуваат хокеарите, нивните родители, сите се загрижени дали ќе бидат безбедни“, вели Милстајн во интервју за „ЕСПН“.
Московјанинот Задоров, кој на пример застана против Путин и руската војна, не бил поштеден од заканите.
„Некои од моите клиенти зборуваат слободно, но нивните семејства не се безбедни. Јас сум горд Американец, но во моментов се бомбардира мојот дом и тоа не дава право да се иживуваме над хокеарите. Моите клиенти сакаат мир како сите на светот и добиваат ваков третман. Ги нарекуваат нацисти, им врескаат: ‘Одете си дома’, им посакуваат ужасна смрт. А ова се луѓе кои плаќаат милиони долари во даноци на САД и Канада. Доста ги гледате како непријатели. Доста со расизмот“, вели Милстајн.