Top Sport

Алкараз без загубен сет во третото коло на Вимблдон

Светскиот рекет број 1, Карлос Алкараз е подготвен да покаже дека може да биде сериозна опасност и на тревнатите терени на Вимблдон, влегувајќи во третото коло без загубен сет по 6:4/7:6(2)/6:3 победата над Французинот Александер Милер.

Сепак, за разлика од лесната победа во првото коло против ветеранот Жереми Шарди, мечот против Милер не беше многу лесен. Алкараз го освои првиот сет со еден брејк, за потоа во вториот сет, кој траеше повеќе од еден час, да остане поконцентриран во тај-брејкот. Следен противник за Алкараз ќе биде подобриот од мечот помеѓу Чилеанецот Николас Џари и Австралиецот Џејсон Кублер.

Полјакот, Хуберт Хуркач, кој е 17. носител, влезе во четвртото коло победувајќи го Лоренцо Мусети со 7:6(4)/6:4/6:4 за сега да го чека подобриот од пресметката на ветераните Новак Ѓоковиќ и Стен Вавринка. Хуркач нема загубено сет во првите три меча на Вимблдон.

Во третото коло влегоа и Данецот Холгер Руне и Русинот Данил Медведев. Медведев, чиј меч се играше во два дена, го совлада Французинот Адриен Манарино со 6:3/6:3/7:6(5), додека Руне исто така ја заврши работата во три сета со 6:3/7:6(3)/6:4 победа над Шпанецот Роберто Кабалјес Баења.

Кај дамите, Арина Сабаленка пропушти шанса за лесна победа, откако го загуби првиот сет против Французинката Варвара Грачева и губеше со 4:5 во вториот сет, за потоа да се врати за 2:6/7:5/6:2 победа, освојувајќи 9 од последните 11 гема. 25-годишната Белрусинка, шампионката од Австралија опен, сега има 14-1 скор во гренд слем мечевите оваа сезона.

Ветеранката и двократна шампионка, Петра Квитова, со 6:2/6:2 ја „збриша“ Белорусинката Алиаксандра Саснович, удирајќи 25 диретни победнички топки. Американката Медисон Киз со 7:5/6:3 беше подобра од Викторија Голубиќ, додека Екатерина Александрова со 6:7(4)/7:6(5)/7:6(7) ја доби битката со Американката Медисон Бренгл.

Scroll to Top