Светскиот број 1, Карлос Алкараз, нема да настапи на завршниот Мастерс во Торино,. На овој Мастерс учествуваат најдобрите осуммина во сезоната. Карлос Алкараз, во Париз, во четвртфиналето против Холгер Руне, заработи повреда на стомачните мускули.
Откажувањето на Алкараз од завршниот Мастерс, му отвори можност на Рафаел Надал годината да ја заврши на првото место.
Во овој момент разликата меѓу Алкараз и Надал е точно 1.000 поени (6.820 – 5.820).
За да успее Рафа ќе мора да ги добие сите мечеви до финалето, доколку успее во тоа ќе собере точно 1.000 поени. За секоја победа во групата се добиваат по 200 поени, а победа во полуфиналето носи 400 поени.
Доколку се случи тоа и двајцата би имале ист број на бодови, а според правилата на АТП, во тој случај подобар е тенисерот кој освоил повеќе поени на Грен слем турнирите. Тука поуспешен е повозрасниот Шпанец, кој победи на Австралија опен и Ролан Гарос.
Ако Надал загуби натпревар во групата, еден или два, ќе мора да ја освои титулата за да да биде број 1.
„По прегледот и евалуацијата на мојот лекарски тим, констатирано е дека сум го скинал стомачниот мускул и првата проценка е дека ќе морам да паузирам шест недели“, откри Алкараз, кој дебитираше на врвот на светска листа по освојувањето на Ју-ес опен во средината на септември.
Алкараз нема да може да игра ниту во Малага, на завршниот турнир од Дејвис купот.